
Клучно гласање во британскиот парламент за договорот за Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј ги прави последните напори за да избегне уште еден пораз на нејзиниот договор за напуштање на ЕУ. Разговорите со Брисел за издејствување промени во договорот се заглавени а британскиот парламент веќе неколку пати и стави на знаење дека без тие промени нема да го одобри. Гласањето е закажано за утре и се чини дека уште еден тежок пораз за Меј е неизбежен.
Може да стават отстапки и дополненија на договорот но на крајот за договорот на Тереза Меј ќе се гласа утре вечер и дебатата е со колку ќе биде поразен и дали нејзиниот договор ќе преживее и дали таа уште еднаш ќе се обиде да го врати во парламентот, вели аналитичарот од Кралскиот колеџ во Лондон Алан Вејџер.
Во секој случај опциите со секој поминат ден се се помалку а пратениците и владата ќе мора да почнат да носат конкретни одлуки околу брегзитот.
Ова е многу важна недела затоа што ќе се почне со отфрлање на опции кои во моментов постојат за пратениците и за Велика Британија. Опции како „без договор“, опции кои постојат за договорот на Тереза Меј и кога ќе ги отфрлите тие опции тогаш тоа прави другите работи, како референдум или помек брегзит, многу повозможни, вели Вејџер.
Ако параламентот уште еднаш го отфрли договорот, пратениците ќе гласаат дали Британија да ја напушти унијата без договор, што е опција која најверојатно исто така ќе биде отфрлена или пак, ќе гласаат за тоа дали да се побара одложување на напуштањето. Меј е против одложувањето, велејќи дека на тој начин Британија никогаш нема да ја напушти унијата.
Игор Трајков