
Хуманитарната катастрофа во Венецуела го достигнува својот врв
Хуманитарната катастрофа во Венецуела го достигнува својот врв. Трет ден животот за Венецуелците стои, додека во земјата нема струја. Улиците се празни, запрен е јавниот транспорт, и онаа малку храна полека ја снемува, осакатена е нафтената индустрија, а илјадници животи на хроничните пациенти се загрозени. Затворени се и банките, а луѓето не можат да подигнат готовина.
Техничкиот проблем во хидроелектраната Гури која обезбедува електрична енергија за Венецуела, власта се обидува да го среди. Дел од Каракас накратко вчера доби струја, но брзо потоа системот повторно падна, и се врати мракот. Опозицијата ја обвинува власта за оваа најнова состојба. Хуан Гуаидо вели дека нема нормалност во државата.
- Не може да биде нормално 50% од болниците да немаат електрични генератори, а другите 50% едвај извршуваат итни хируршки интервенции, рече лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо.
За власта пак , опозицијата ја саботирала најголемата хидроелектрана, со помош на Америка. Но, за ова не дадоа никакви докази. Претседателот Николас Мадуро, на Твитер го обвини „американскиот империјализам за овој инцидент, а на народот му порача дека војната со електричната енергија ќе биде надмината“. И ги повика своите приврзаници на протести. Неговиот ривал не верува дека се случила саботажа. И тој повика на нови протести.
- Тие не знаат што зборуваат. Тие се неефикасни и коруптивни, и сите знаеме дека крајот на темнината ќе дојде со крајот на узурпацијата во Венецуела, вели Гуаидо.
Америка негира каква било вмешаност или одговорност за снемувањето струја, без оглед дали е директно или индиректно преку наметнатите санкции. Неодговорната власт во Венецуела го доведе народот до оваа состојба, смета Вашингтон.
- Ситуацијата во Венецуела сега е продукт на години на корупција и неспособност кои се дел од овој режим. Тоа е проблемот, смета Елиот Абрамс, специјалниот известувач на САД за Венецуела.
Америка најавува нови санкции врз финансиските институции на Венецуела, во обид да го симне Мадуро од власт, но негира дека за тоа ќе користи оружје. И од енергетскиот сектор тврдат дека хидроелектаната Гури страда поради долгогодишната корупција во земјата. Ниту еден од неколкуте изградени погони за производство на резервни делови не дојде на ред за ја надомести штетата за најголемата електрана Гури. Од денеска, Венецуела има на залиха нафтени резерви за уште седум дена, предупредува американската администрација. За само неколку дена, во земјата ќе снема пченка, брашно и масло за готвење. Се очекува во наредните денови – народот со најмногу нафта во светот – да влезе во период на хуманитарно страдање кое не е видено во модерната историја.
Алиса Шутиноска