
Меј ја повика ЕУ да се согласи на бараните промени во договорот за Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј упати повик до ЕУ да и помогне во обезбедувањето подршка во парламентот за договорот за напуштање со тоа што ќе се согласи на бараните промени во делот кој се однесува на северноирската граница. Меј тврди дека постапките на Унијата во следните неколку денови ќе имаат пресудно значење за судбината на договорот во британскиот парламент. Следната недела владата на Меј ќе го направи последниот обид да ја добие потребната подршка за договорот во парламентот пред планираното официјално напуштање на унијата на 29 март. Опозицискиот лидер Џереми Корбин категорично одби подршка за договорот.
- Видете, нема да го подржиме нејзиниот договор следниот вторник. Ќе гласаме за да ја тргнеме опцијата „без договор“ од масата. Уште еднаш ќе ги претставиме нашите предлози, нашите пет столбови кои се царинска унија, пристап до пазарот и заштита на правата во оваа земја добиени преку ЕУ, изјави Џереми Корбин – Лидер на Лабуристичката партија
Декларативно сите сакаат да се избегне опцијата на крајот од овој месец Британија да излезе од Еу без договор. Минатата недела Меј за прв пат јавно зборуваше за опцијата за одложување на формалното напуштање и тоа е опција која во Брисел подолго време сериозно се разгледува.
- Мислам дека сите се согласуваат за една работа а тоа е дека немањето договор ќе биде катастрофа во секој поглед за Обединетото Кралство, за ЕУ и без разлика на исходот од второто гласање или гласањето да се тргне опцијата од маса, сценариото „без договор“ очекувано е секогаш можно и ние мораме да го избегнеме, смета Ги Верхофштад – пратеник во ЕП.
Доколку британските пратеници по втор пат го отфрлат договорот, ќе треба да одлучуваат дали владата да побара продолжување на Членот 50 по датумот 29 март. За продолжувањето треба да се согласат сите 27 членки, и тоа во Брисел се користи за притисок врз Лондон, или да се согласи на предлог решението за северноирксата граница или да се соочи со опцијата напуштање без договор.
Игор Трајков