
Нова шлаканица од Косово за Србија
Во косовското собрание усвоена е платформата за дијалог со Србија. Се предвидува реципрочно принзнавање на Косово и Србија со внатрешните постоечки граници, почитувања на правата на Албанците во Србија, решавање на отворените прашања со Србија, и укинување на Резолуцијата 1244 од Советот за безбедност на ОН. Се додава дека правата за природните ресурси, кои се на територија на Косово се ексклузивно право на Косово и тоа прашање не е отворено за преговори. Во земјата нема да има друго ниво на власт освен централна и локална власт. Целта на Приштина со оваа платформа е Белград да ја признае независноста и правно да се обврзе дека нема да стои на патот за меѓународното признавање и напредок на Косово.
- Од сега па наваму, Република Косово е подготвена да се соочи со процесот на финалниот дијалог, а тоа за нас значи место во Обединетите нации, полноправно граѓанство, целосен суверенитет, без поврзаност со извршните овластувања, изјави претседателот на косовското собрание, Кадри Весели.
Со усвојувањето на платформата, Белград вели дека е ставен во најтешката позиција од 2011 година, кога е оформена границата со Косово. Во платформата не се третираат правата на Србите и другите неалбанци, ниту нивните имоти, како ни положбата на српската црква, кртикува Белград.
- И се друго што претставува последен клин во ковчегот за процесот на дијалогот, јасно ви покажува и на домашната и меѓународната јавност, дека Приштина на овој начин јасно испрати порака до целиот свет дека ова за неа е крај на дијалогот, рече Марко Ѓуриќ, директор на српската канцеларија за Косово.
Белград тврди дека од Брисел добивале силни ветувања дека ваква платформа нема да биде ставена на дневен ред во косовското собрание, а не па да се гласа. Затоа сега не очекуваат никаква реакција од меѓународната заедница, освен молк. Србија најавува дека нема да брза со одлуките и постапувањата, но за утре изутрина е свикан советот за безбедност, по што Белград ќе ги најави следните чекори.
Алиса Шутиноска