48 часа од Брисел до Лондон за организиран Брегзит

ЕУ ја повика Велика Британија во следните 48 часа да излезе со конкретни предлози за да се направи пробив во заглавените преговори околу договорот за напуштање на унијата. Европските лидери порачаа дека ќе работат цел викенд за да се усогласат ставовите доколку им бидат претставени прифатливи идеи од Лондон.

„Не беа идентификувани решенија до овој момент кои се во согласност со Договорот за повлекување, вклучувајќи го и протоколот за ирската/северноирската граница, кои, како што знаете нема да бидат повоторно отворени, соопшти Маргаритис Скинас – Портпаролот на ЕК.

Останува нејасно какви би биле тие предлози, кога британската премиерка Меј бара промени во делот од договорот кој се однесува на северноирската граница, нешто што Брисел категорично одбива да го дозволи. Следната недела ќе биде последното гласање во британскиот парламент за договорот и доколку не ја добие потребната подржка, Обединетото кралство на 29 март ќе излезе од ЕУ без договор. Голем број од пратениците, членовите на владата и јавноста се загрижени поради ова, но Меј не отстапува. Британија излегува од унијата на крајот од овој месец со или без договор.

„Овој парламент им даде избор на граѓаните на Обединетото Кралство, да одлучат дали да се напутши ЕУ или да се остане во неа. Тие одбраа да се напушти ЕУ. Мислам дека за довербата во политиката е важно, владата да го испорача токму тоа, вели Тереза Меј – Премиерка на Велика Британија

Недостатокот од прогрес во преговорите не ги загрижува само Британците.

„Мишел Барние, нашиот главен преговарач беше присутен и ги информираше комесарите дека иако разговорите се одвиваат во конструктивна атмосфера, дискусиите се тешки, тврди Скинас.

Иако Меј тврдоглаво опстојува на својот став, или овој договор или никаков договор, добар дел од незјината влада го очекуваат најлошото следната недела.

 

Игор Трајков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ