
Франција воведува нов данок за глобалните технолошки гиганти
Француската влада објави законски измени на даночната политика во кои се предлага дополнително оданочување во висина од три проценти на приходите на интернет гигантите како Гугл, Амазон и Фејсбук. Сличен предлог претходно имаше и Европската комисија но тој не ја доби потребната подршка од земјите членки. Француската влада тврди дека станува збор за праведно оданочување затоа што глобалните гиганти плаќаат 14 проценти помал данок на територијата на унијата.
- Пред се станува збор за правда. Никој не може да прифати најголемите дигитални компании во светот да плаќаат 14 проценти помалку од компаниите во Европа или било каде. Овие 14 проценти, некои ги оспоруваат, се анализа и бројки на Европската комисија.“, вели Бруно Ле Мер – Министер за финансии на Франција
Француската влада предвидува даночни приходи од 500 милиони евра на годишно ниво, кои подоцна се очекува да се зголемуваат. Имплементирањето на новиот данок е многу едноставно, тврди Ле Мер. Најголемите дигитални компании ќе бидат оданочувани доколку надминат годишен приход од 750 милиони евра на глобално ниво и 25 милиони евра приход во Франција. Ле Мер тврди дека и самите компании се согласни на новиот данок и нема да го оспоруваат неговото имплементирање.
„Дигиталните приходи на гигантите се познати, ќе бидат објавени. Компаниите самите, како Гугл, се пдоготвени да го платат овој данок. Тоа не е проблем за нив и нема да го оспоруваат приципот на овој данок.“, вели Ле Мер.
Минатата година предлогот на ЕК беше отфрлен откако 4 членки се спротиставија на него. И тогаш Франција беше главниот промотор на предлогот, познат како ГАФА данок, акроним од Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон, но не ја доби едногласната подршка. Објаснувањето на ЕК и подржувачите на предлогот беше дека меѓународниот даночен систем е усогласен речиси пред еден век и во него не е предвиден развојот на глобалните технолошки гиганти.
Игор Трајков