Опозицијата со рок до Рама да поднесе оставка до 16-ти март

Цели 4 часа траеше денешниот масовен протест на албанската опозиција. Илјадници луѓе ја преплавија Тирана, барајќи ја оставката од премиерот Еди Рама. Рок му дадоа до 16-ти март, во спротивно ќе се соочи со ураган од незадоволство. Атмосферата во неколку наврати беше на работ на инцидент. Демонстрантите фрлаа кон полицајците шишиња и палеа гуми пред кордонот, но се заврши мирно и нема повредени.

Еди Рама и неговиот режим се завршени, порача лидерот на опозициската десноцетристичката Демократска партија, Љуљзим Баша, кој дополнително ги охрабруваше демонстрантите, и рече дека албанскиот премиер се обидува да најде азил во друга земја. Баша секојдневно добива на популарност во земјата, а полека ги добива и оние неопределените.

  • Причината за протестот е поради тоа што многу работи се случија во нашата земја што го отежнува развојот на економијата, на земјата, на иднината на децата”.
  • Се надеваме дека Еди Рама ќе си замине, дека Социјалистите ќе си заминат откако ја уништија Албанија, исполнувајќи ја со бандити, дрога. Деведесетите години беа подобри од денеска.

Но, Рама, чија политичка позиција е ослабена од честите протсти, нема намера да остапи, бидејќи опозицијата која во меѓувреме го напушти парламентот, контролира само 44 од 140 места во собранието. А за време на денешните протести ја одржуваа седницата со што им покажаа на ривалите дека и без нив можат да ја водат државата. Рама повикува на дијалог, но истакна дека нема да преговара за демократијата, парламентаризмот и за мандатот добиен од народот. Го повика Баша да си ги одмерат силите на локалните избори закажани за јуни.

Ситуацијата во Албанија, по серијата протести е кревка, а социјалистите ги обвинуваат демократите дека се обидуваат да направат хаос во државата. Опозицијата не ги слуша повиците и од меѓународната заедница да ја решат ситуацијата со дијалог. Албанија се надева на отворање на преговори со ЕУ во јуни, но во тоа не веруваат многу западни дипломати. Мнозинството тврдат дека со влезот во НАТО, користејќи го Јадранот, Албанија за кратко стана  европско седиште за трговија со наркотици. Токму поради ова, земјата не е заинтерсирана за членство во унијата, сметаат дипломатите, бидејќи така би загубила премногу пари од криумчарењето, пари на кои не можеа да им одолеат и многу политичари.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ