Макрон бара реформирана ЕУ

Францускиот претседател ги повика Европејците на престојните европски избори својот глас да го искористат за заштита и зачувување на Европа која е загрозена како никогаш до сега. Никогаш од крајот на Втората светска војна до сега Европа не била толку неопходна, пишува Макрон. Неговото отворено писмо до Европа, со предлози како да се реформира и зачува Унијата, беше посветено на сите граѓани на Стариот континент, не само на ЕУ и се чини дека наиде на одобрување.

  • Кога сите европски држави ќе застанат заедно, имаме против тежа на американскиот тренд. Само заедно сме силни, вели Волфганг Конспе – жител на Берлин

Мотивот на Макрон е константниот подем на радикалната десница и се помасовното кршење на основните европски начела, дури и кај најстарите членки на унијата. Иако тој е жестоко критикуван за домашната политика, неговата визија за Европа има далеку поголема подршка.

  • Екстремната десница во Италија ме плаши многу. Не сакам европските земји да станат ектремно десничарски. Гласав за Макрон но се повеќе остава впечаток како да сака да ја зачува Франција само за богатите. Да јас сум про-Макрон, но против неговиот систем, смета Жозијан Диванак – наставничка

Создавање специјална европска агенција за заштита на демократијата која што ќе го штити изборниот процес во секоја земја членка од сајбер напади и манипулации, создавање заеднички погранични сили и азилантска политика  како и забрана за финансирање на европските политички партии од извори надвор од Унијата, се само дел од неговите предлози за реформирање на унијата.

  • Мислам дека е добро што таквите повици беа направени од францускиот претседател, затоа што се работи за зачувување на Европа и нашите демократски структури, кои се под закана од популистичките партии како Орбан во Унгарија, на пример. Тој многу профитираше од Европа а сега креира антиевропско расположение, вели Јирген Вагнер – жител на Берлин.

Дали некој им ја кажа на Британците вистината за нивната иднина по Брегзитот, прашува Макрон и ги повика Европејците да ги отфрлат националистичките политики кои не нудат ништо. Дојде времето на европската преродба, тврди францускиот претседател. Затоа, спротивставувајќи се на искушенијата од повлекување и поделби, ви предлагам заедно да ја направиме преродбата низ три зацртани цели: слобода, заштита и напредок.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ