
Денуклеаризацијата е цената за иднината на Северна Кореја
Со дваесетминутна средба започна вториот дводневен самит меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг Ун, овој пат во главниот град на Виетнам, Ханој. Фокусот и на овој самит ќе биде комплетната денуклеаризација на Корејскиот Полуостров која минатиот пат ја вети Кин, но осум месеци подоцна малку е постигнато во тој поглед.
Во текот на 260-те денови откако последно се сретнавме имаше некои недоразбирања. Имаше низ целиот свет такви кои не ја разбираат ситуацијата и имаше непријателство кое е останато од далечниот и минат период. Како и да е ние успеавме да ги надминеме тие пречки, тврди севернокорејскиот лидер.
Изборот на Виетнам и неговата престолнина Ханој, за домаќин на самитот е паметна стратегија на САД. Поранешните непријатели по крајот на 23 годишната војна во Виетнам, со добра надворешна и внатрешна политика изградија една од најбрзорастечките економии во Азија. Токму тој аспект, компромиси и соработка е пораката која САД сака да ја испрати до Северна Кореја, и токму затоа Трамп зборуваше за неограничениот економски потенцијал на земјата.
Сум рекол многу пати, изјавувам за медиумите и му зборувам на секој што сака да слушне, мислам дека вашата држава има огромен економски потенцијал, неверојатен, неограничен. И мислам дека ќе имате одлична иднина со вашата земја. Со нетрпение чекам да го видам тоа и да ви помогнам тоа да се оствари, порача Трамп.
Очекувањата се дека самитот во Ханој ќе продолжи таму каде што застана самитот во Сингапур. Нејасно формулираниот договор од јуни минатата година најави дека и двајцата лидери ќе се залагаат за денуклеаризација на полуостровот. Немаше никакви насоки, никакви временски рамки ниту планови од било каков вид како ќе се стигне до таа цел. Слабиот прогрес во односите по тој самит само ги засили критичарите, особено на Трамп, кој овој пат ќе се потруди да се врати во Вашингтон со постигнат кокретен напредок за севернокорејското прашање.
Игор Трајков