
Раскол кај Лабуристите поради Брегзит и антисемитизам
Несогласувањата за Брегзит, но и неспособноста на лидерот Џереми Корбин да се справи со антисемитизмот во партијата, ја зовре атмосферата во Лабуристичката партија. Седум пратеници одлучија да ја напуштат, и во парламентот да функционираат како независна пратеничка група.. Седуммината велат дека повеќе не можат да издржат да бидат дел од политичка институција, каде основните вредности на оваа партија, со години не се почитуваат, а партиските интереси се стваат над државните.
Основните вредности за еднаквост за сите, можности за сите, анти-расизам за сите, социјална правда, вредности кои ми се многу драги и ме натераа да бидам дел од Лабуристичката партија како студент, пред 20 години, ме оформија како личност. А сега, овие вредности постојано се повредуваат, потценуваат и се напаѓаат, додека Лабуристичката партија одбива да ги стави уставните и државните пред партиските интереси, Луцијана Бергер, поранешен член на Лабуристичката патија.
Повредената идеологија и Брегзитот не се единствените причини поради кои си заминуваат овие пратеници. Егото на лидерот Корбин, но и неговата неспособност да удри на маса – станува неиздржливо. Обвинет е и за селектирање на члеснството по етничка припадност.
Ми се лоши што Лабуристичката партија стана расистичка и антисемитска партија. Бесен сум што лабуристичкото раководство помага во олеснувањето на Брегзитот кој ќе донесе голема економска, социјална и политичка штета за земјата. Лабуристичка влада со Корбин е закана за нашата национална безбедност и меѓународни сојузништва, вели Мајк Гејпс, поранешен член на Лабуристичката партија.
Опозиционерот Џереми Корбин, во парламентот е жесток опонент на премиерката Тереза Меј, но внатре во Лабуристичката партија не го доживуваат како таков. Впрочем, тој пред референдумот за Брегзит изјави дека не е целосно проевропски ориентиран – изјава која ги натера неговите сопартијци да се сомневаат и дали гласал против тоа Велика Британија да излезе од ЕУ.
За одлуката на седуммината пратеници, Корбин вели дека е разочаран. Иако ќе функционираат како независни пратеници, тие го повикаа и остатокот од членството да го дигнат гласот и да излезат од темнината. Бидејќи, како што рекоа – во политичка партија не се вклучуваш за со години да се бориш со луѓето во неа. Во политиката се влегува за да се промени светот.
Алиса Шутиноска