Русија подготвена на разговори со Холандија за падот на авионот на „Малезија ерлајнс“

Русија е подготвена да учествува во разговорите со Холандија за падот на авионот на авиокомпанијата „Малезија ерлајнс“, на летот МХ 17, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.

Нашиот дијалог не е прекинат, вклучувајќи го и тој на политичко ниво. Подготвени сме на разговор за тоа прашање, рече Грушко.

Холандското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека е „се поуверливо“ оти руските власти ќе бидат согласни наскоро да се состанат со холандските колеги на приватни разговори за тоа кој е одговорен за соборувањето на авионот во 2014 година.

Авионот беше соборен над територија која е под контрола на проруските сепаратисти во Украина, во јули 2014 година. При тоа загинаа сите 298 луѓе во него, од кои речиси две третини беа Холанѓани.

Холандската и австралиската влада во мај 2018 година соопштија дека сметаат оти Русија е одговорна за соборувањето на авионот.

Русија негира каква било вмешаност, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тогаш изјави дека е непримерно Австралија и Холандија да упатуваат ултиматум кон Москва, барајќи обесштетување.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ