
За Приштина не важат апелите од цел свет да ги укине таксите за Србија
Таксите од 100 проценти кои Косово ги воведе за српските производи стасаа на дневен ред и на Советот за безбедност на ОН. Едногласно беше порачано веднаш да се укинат и да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина. За косовската амбасадорка во Америка, овој состанок е непотребен, и е шарада.
Навистина не можам да разбера, зошто по ѓаволите сме тука денеска по третпат за четири месеци и зборуваме за Косово. Неверојатно е Советот да заседава повеќе за Косово, отколку за Сирија, Јемен, или Венецуела. Таму има реални проблеми, вели косовската абмасадорка во САД Флора Читаку.
На ова рускиот амбасадор и порача дека ако не мисли дека ситуацијата меѓу Белград и Приштина е сериозна, тогаш и не морала да доаѓа на состанокот..Русија не прифаќа Косово да се симне од дневниот ред на СБ. Според Москва, треба да биде под постојана контрола на ова тело, затоа што ситуацијата е нестабилна и секој момент може да излезе од контрола. И Кина е на иста страна со Русија, но не и Велика Британија. За Лондон, Косово повеќе не е „акутна криза“, и смета дека има многу поважни проблеми во врска со меѓународниот мир. И Америка смета дека нема потреба Косово да е на дневен ред, но инсистира на укинување на таксите, и да се вратат на дијалогот, кој тешко дека ќе продолжи. За ова алармира мисијата на ОН – унмик, од каде сметаат дека атмосферата може брзо да ескалира.
Изминатиов период се одликува со акција и реторика која не ја подобрува атмосферата за брзо продолжување на политичкиот дијалог помеѓу Белград и Приштина. Антагонистичките гестови и обвинувања и понатаму се далеку поизразени од обидите да се вратат во новата фаза на дијалогот, оценува Захир Танин, претставникот на УНМИК во Советот за безбедност на ООН.
За Харадинај, УНМИК е веќе неважечко тело на косовската територија. Пред два дена рече дека веќе нема да разговара со претставниците на УНМИК, бидејќи како што рече испраќаат писма до Советот за безбедност во кои ја превртуваат вистината. За Белград, состанокот во советот за безбедност е најдобар до сега. Вучиќ порача дека без разговор нема да има решение за косовското прашање, а по најмалку признавање на границите. Приштина врати дека таксите остануваат, и покрај апелите од половина свет. А изјавата на Вучиќ ја толкува како закана за мирот и стабилноста во регионот.
Алиса Шутиноска