
Владата на Венецуела ги отфрли барањата од Европа за нови избори
Владата на Венецуела синоќа ги отфрли барањата од европските земји наскоро да распише нови претседателски избори.
Лидерот на владејачката партија Диосдадо Кабељо, истакна дека лидерите како што е шпанскиот премиер Педро Санчез би требало два пати да размислат пред на Венецуела да и „држат предавања“ за демократија.
-Кој го избра него? Никој не може да дојде и да ни наредува, потенцираше Кабељо.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини претходно порача дека ќе го признае опозицискиот лидер Хуан Гаида за претседател доколку Владата не распише нови избори во текот на наредните денови.
Во меѓувреме, официјален Каракас дозволи диполоматите на САД да останат во земјата додека траат преговорите меѓу двете страни, но не подолго од 30 денови.