
Девет загинати и 300 исчезнати во пукање на рудкарска брана во Бразил (видео)
Девет луѓе загинаа, а околу 300 се исчезнати по пукањето на брана од рудник за железо во југоисточниот дел на Бразил. За време на инцидентот стотина работници биле во мензата на рудникот, која останала под вода и е затрупана со кал. Властите соопштија дека мали се шансите да бидат пронајдени живи. Спасувачката акција продолжува и се стравува дека бројката на жртви ќе се зголемува. Десетици лица се заглавени во поплавеното подрачје во местото Вила Фертеко, и чекаат до нив да дојдат спасувачите. Водата и калата од акумулацијата на пукнатата брана со себе носела и отровен отпад, поради што се стравува дека е можно загадување на животната средина. Во соседниот град Брумадињо е наредена делумна евакуација на населението. Причините за пукањето на браната, која била изградена во 1976 година, засега не се познати. Од компанијата ВАЛЕ, во чија сопственост е рудникот велат дека не знаат што точно се случило, и дека следува истрага за инцидентот.