
Британските пратеници во обид да спречат Брегзит без договор
Британските пратеници подготвуваат низа амандмани на законот за напуштање на унијата, со кои сакаат да спречат Брегзит без договор или да ја принудат премиерката Меј да бараа одложување на напуштањсето на унијата се додека не биде постигнат договор. Повеќето од овие предлог амандмани доаѓаат од опозициската Лабуристичка партија, но британските медиуми тврдат дека предлозите имаат подршка и од некои министри во владата на Меј. Следното гласање за веќе постигнатиот договор со Брисел е закажано за 29 јануари, но малку работи се променија за Меј да ја зголеми подршката за него, откако тој беше отфрлен со големо мнозинство. Во вчерашното обраќање пред пратениците, Меј рече дека е фокусирана да издејствува измени во бекстопот а по првото неуспешно гласање и Брисел ја омекна позицијата, посочувајќи дека се отворени за предлози.
Мораме да најдеме решение за ирскиот бекстоп, затоа нема причина да ја промениме нашата позиција. Се држиме за тоа што е договорено, договорот за напуштање како што е и Тереза Меј, таа мора да направи широки консултации со британското општество. Така да ќе чекаме и на нив останува да излезат со предлози, вели словенечкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.
Т.н бекстоп е всушност осигурителна полиса за Лондон и Брисел дека нема да има цврста граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска. И двете страни стравуваат дека повторното поставување граница меѓу двете земји ќе го наруши тешко постигнатиот мир меѓу двете Ирски.
Парламентот ги подржува луѓето во Северна Ирска дека никогаш повеќе нема да се вратиме на насилството и теророт од минатото, изјави вчера британската премиерка.
Забелешките за делот на северноирската граница од договорот меѓутоа се дека ќе создаде различни правила за различни делови од Обединетото Кралство, како и можноста тоа никогаш да не се промени. Според понуденото решение од Брисел, Северна Ирска ќе остане под регулативите на заедничкиот пазар, што значи дека и Обединетото Кралство како целина ќе остане врзано за заедничкиот пазар и ќе мора да почитува одредени правила се додека двете страни не постигнат одржлив трговски договор.
Игор Трајков