Армија на Турција: Во Африн неутрализирани 597 „терористи“

Турските Вооружени сили во рамките на операцијата „Маслиново гранче“ неутрализирале најмалку 597 „терористи“ во сирискиот пограничен регион Африн, јави турската агенција Анадолија.

Генералштабот на Армијата на Турција соопшти дека турската авијација во текот на изминатата ноќ уништила најмалку 44 позиции на припадниците на Силите за заштита на народот на сириските Курди, на Курдската работничка партија (ПКК), на Партијата на демократската унија и на екстремисткичката група Исламска држава (ИД).

– Во нападите учествуваа 25 авиони и сите безбедно се вратија во базата. Четворица припадници на Слободната сириска армија се ранети, но се вон животна опасност. Според последните информации, синоќа се неутрализирани најмалку 40 терористи, а бројот на неутрализирани терористи од почетокот на операцијата „Маслиново гранче“ изнесува 597“, се наведува во соопштението на Генералштабот на турската војска и се додава дека операцијата во Африн продолжува според планираното.

Како што претходно јави МИА, операцијата во Африн почна на 20 јануари, врз основа на, како што тврди Анкара, „правото на Турција засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014)“.

Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата, според Анкара, се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.

Силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на Силите за заштита на народот, кои Анкара ги смета за сирискиот огранок на ПКК.

До почеткот на офанзивата на турската армија, припадниците на Силите за заштита на народот, чии број се проценува на меѓу 8.000 и 10.000, под контрола држеа околу 65 отсто од сириско-турската граница.

ПКК, која од средината на 80-те години на миантиот век започна борба за автономија на Курдите во Турција, се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ