
Меј ќе се обиде да ги убеди Ториевците и Унионистите да го подржат договорот за Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе претстави нови предлози со кои ќе се надминат забелешките кои пратеницитите ги имаат за договорот за напуштањето на унијата. Таа ќе се обиде со новите предлози кои се однесуваат на северноирската граница да го убеди незадоволното крило во нејзината Конзервативна партија и коалиционите партнери од Ирската унионистичка партија да го подржат договорот со Брисел.
Извори од Ториевците тврдат дека Меј е целосно фокусирана да ја добие потребната подршка од нејзината партија за договорот, кој би бил одобрен без подршката од опозициската Лабуристичка партија во Парламентот.
Договорот кој таа го постигна со Брисел беше отфрлен од 230 пратеници и доколку не ја добие потребната подршка тогаш Велика Британија на 29 март ќе ја напушти ЕУ без договор и без транзициски период.
ЕУ предложи таканаречен “бекстоп“, еден вид безбедносна клаузула која може да биде активирана доколку не се постигне трговски договор помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ. Но, поддржувачите на тврд Брегзит стравуваат дека станува збор за стапица со која ќе останат де факто за секогаш во ЕУ и нема да можат да склучуваат самостојно трговски договори со трети земји.
ЕУ одби да и даде дополнителни гаранции на Меј пред гласањето во британскиот парламент минатата недела за да ги убеди скептиците, и договорот за Брегзит беше отфрлен.
Денеска Меј треба повторно да се појави во Вестминстер да ги информира пратениците како планира да продолжи понатаму со повлекувањето на нејзината земја од ЕУ.