
Тереза Меј го преживеа изгласувањето доверба – Сизифовите маки на В. Британија продолжуваат
По вчерашниот епски пораз за Тереза Меј и нејзиниот договор за Брегзит со ЕУ, премиерката го преживеа гласањето на недоверба. Нејзината ранлива политичка кариера сепак продолжува.
Во тесен резултат со 325 гласа наспроти 306, оотфрлена е владината недоверба која вчера во парламентот ја достави лидерот на опозицијата Џереми Корбин.
Меј и Британија се како во „Денот на мрморецот“, се почнува од почеток, во обид да ја исплете мрежата за еден нов, нереален и тешко веројатен договоро со ЕУ, пред да се реализира амбисот наречен Брегзит без договор, реалност која се повеќе се приближува на 29 март.
Проблемот на Меј е што таа нема план Б, откако Борис Џонсон, Фараж и компанија и го убија договорот кој со натчовечки напори беше постигнат со ЕУ. Исто така Меј ги нема карактеристиките, ниту квалитетот да ја обедини партијата поделенa во бројни струји на тврди брезитирци или европејци.
Со други збори останувањето на Меј на власт не го решава гордиевиот јазол на политиката поделност и парламентарната блокада. Нејзиниот политички спас не значи и мирен излез за Велика Британија. Оттука, нејзин најверојатен прв потег би бил да побара одложување на датумот за излез, нешто што може да го побара од 27-те членки на Унијата.
Во бриселските ходници веќе отворено се говори за оваа опција, но прашањето е што тоа ќе помогне кога Британија нема што повеќе да понуди од тоа што понудилa досега. Оттука и ставот на главниoт европски преговарач, Мишел Барние дека излезот без договор е се поблиску.
Ангела Меркел ја исклучи можноста за нов договор, иако е отворена кон тоа на Британија да и се даде повеќе време за внатрешно да разберат што навистина сакаат.
Тоа што сигурно ЕУ нема да го направи, е да удри по Меј. Меј ќе биде оставена да работи без притисок, но европските интереси ќе бидат заштитени, е позицијата и на официјален Париз.
Останува следното. Ако парламентот дојде до ново решение, Меј тогаш може да се надева да купи уште време, некаде до лето. Ако тоа не се случи тогаш и останува единствено картата да распише нов референдум околу Брегзит и по втор пат збор да му се даде на народот. Но, ризикот за никаков договор останува преголем. Таков епилог би бил катастрофален за сите, за ЕУ, а особено за Британија.
Тоа што е сигурно дека преговорите меѓу партиите би почнал веднаш, ако се слушне желбата на премиерката тогаш тие би почнале уште вечерва. Но, лидерот на опозицијата беше јасен, услов за какви било разговори со власта, е таа дефинитивно да се откаже од опасниот излез без договор од ЕУ.
Сизифовите маки на Тереза Меј и Велика Британија не завршуваат.
Ивор Мицковски