Почина градоначалникот на Гдањск – Беше жесток противник на власта

Почина Павел Адамович, 53 годишниот градоначалник на Гдањск кој синоќа беше избоден за време на добротворен концерт.

Популарниот политичар, еден од најистакнатите експоненти на опозицијата и силен противник на конзервативната и суверенистичка влада на Јарослав Качински, веднаш по нападот беше пренесен во болница во критичка состојба и итно опериран во интервенција која траела 5 часа. За жал градоначалникот подлегна на повредите.

Не можевме да го спасиме, изјави полскиот министер за здравство, Лукаш Шумовски за локалните медиуми.

Напаѓачот, кој полските медиуми го именуваат како 27 годишен Стефан В. од Гдањск има криминално досие и минатиот месец излегол од затвор. По нападот синоќа тој пред публиката рече дека поранешната политичка партија на Адамович е виновна што тој бил во затвор во 2014 година за серија насилни напади.

Полицијата истражува како напаѓачот кој само што излегол од затвор успеал да обезбеди новинарска пропусница која ја употребил да се качи на бината.

Еднаш на бината повеќе пати го избол градоначалникот извикувајќи „Адамович е мртов“.

Адамович веќе долго време беше цел на омраза во екстремно десничарските кругови поради неговата енергична одбрана на правата на мигрантите и бегалците и на ЛГБТ заедницата.

Засега нема докази дека се работи за политички мотивиран напад.

Но, многумина во Полска сметаат дека нападот е резултат на порастот на говорот на омраза.

Сопругата на Адамович била во Велика Британија за време на нападот. Полската влада испрати авион во Лондон за да ја врати во Полска.

Прогресивниот Адамович го водеше Гдањск, градот симбол каде се роди движењето Солидарност. Мината година беше избран со 65 % од гласовите, секогаш водел политики на поддршка на ЛГБТ заедницата, борец за правата на малцинствата, синдикалист кој се спротивставуваше на авторитаризмот на екстремната десница.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ