Меркел на грчките политичари ќе им ја потенцира поддршката за Договорот од Преспа

Сакам да и се заблагодарам на Грција за се што постигнаа и покрај потешкотиите, но и севкупната улогата која ја има на Балканот во време кога е важно да се испитаат регионалните прашања, изјави попладнево германската канцеларка Ангела Меркел, пред стартот на официјалниот дел од средбата со грчекиот премиер Алексис Ципрас во Атина.

„Грција направи голем прогрес“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Ципрас пред Меркел рече дека Грција успеала да ја надмине кризата и  да се врати кон растот, во период во кој поминала низ потешкотии.

„Грција постепено се врти од проблемот кон решението и се претвора во столб на стабилност. Ние се соочуваме со нови предизвици… како што е подемот на крајната десница“, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Меркел која се наоѓа во дводневна посета на Грција утре ќе се сретне и со грчката опозиција, а на агендата, според најавите, и е Договорот од Преспа. Се очекува таа да ја потенцира поддршката која Германија ја дава за Договорот.

Во очи на посетата на Меркел политичката атмосфера во Грција во врска со Договорот од Преспа зоврива во очекување на утрешната средба на Ципрас со лидерот на Независни Грци, по која ќе се знае дали партијата на Панос Каменос ќе остане во владата или не. Денеска веќе почнаа да стигаат најави од одделни пратеници на Независни Грци, дека одлука партијата да се повлече од владата е веќе донесена, иако портаролот на паријата изјави дека тие нема да гласаат за Договорот од Преспа, додека за подршка на Владата ќе се знае по утрешниот состанок Каменос – Ципрас.

Во меѓувреме Дора Бакојани, поранешна шефица на грчката дипломатија и истакнат член на опозициската Нова демократија изјави дека Ципрас веќе има обезбедено 151 глас за договорот за името.

Грчкиот премиер синоќа во интервју изјави дека доколку Договорот биде усвоен во Македонија до крајот на неделава, очекува македонското МНР најдоцна до крајот на идната недела да го информира грчкото за одлуката и промените на Уставот, по што веднаш за тоа би бил информиран државниот и политички врв на Грција и Договорот би се нашол пред пратениците. Ципрас информираше дека гласањето за Договорот и за ратификацијата на протоколот на членство на Македонија во НАТО нема да се случат истовремено во грчкиот Парламент.

Тамара Грнчаровска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ