Пропадна обидот за државен удар во Габон, воените пучистите уапсени

Денешниот обид за државен удар во Габон, поттикнат од група на воени команданти, е официјално ставен под контрола, објави портпаролот на владата.

„Владата функционира, институциите функционираат“, изјави Гај Бертранд Мапанго за „Франс 24“, кој претходно за Ројтерс изјави дека четворица од петте команданти кои ја окупирале државната радио станица се притворени.

На станицата, рано изутрина, командантите прогласија незадоволство од претседателот Али Бонго, кој во Мароко се опоравува од мозочен удар. Војниците најавија национален совет за реставрација со цел враќање на демократијата во отсуство на претседателот, инаку на власт од 2009 година.

„Почитувани компатриоти, ова е порако до шефот на државата Али Бонго, во врска со наглото влошување на неговата здравствена состојба што подига сомнежи околу неговиот капацитет да ги извршува должностите од функцијата претседател на државата. Тие што жестоко се држат за власта продолжуваат да го користат и употребуваат претседателот Али Бонго Ондимба за на функција да чуваат лице кое има попречување и кое ги изгубило своите физички и ментални способности“.

Според војниците новогодишното обраќање на претседателот било обична фарса со цел да се задржи на власт.

Семејството Бонго владее со земјата, инаку богата со нафта, речиси половина век. Али Бонго го наследи својот татко Омар Бонго во 2009-та година. Неговиот реизбор во 2016 година беше проследен со наводи за изборна измама и насилни протести.

Габон или официјално, Габонска Република е држава во Централна Африка. Државата се граничи со Екваторијална Гвинеја на северозапад, со Камерун на север и со Република Конго на исток и југ. На запад Габон излегува на Атлантскиот Океан.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ