Настани кои ја одбележаа 2018 година

Историското приближување до Северна Кореја, раскинувањето на нуклеарниот договор со Иран, хаос во Белата куќа, кавги со држaвници, адвокати и новинари се резултат на уште една година во која американскиот претседател Доналд Трамп повторно доминираше на глобалната сцена. Исто така беше тоа година во која Европа и Британија се приближија но на крај сепак не го постигнаа посакуваниот напредок во Брегзитот.

Аферата Скрипал, труењето на рускиот шпион на територијата на Велика Британија ја одбележа пролета, и ги турна во нови ниски нивоа односите меѓу Москва и остатокот од Европа.

По неколку месечни преговори премиерката Тереза Меј на 25 ноември склучи договор за раздружување со ЕУ по 17 месеци преговори. Договорот а и самата Меј се најдоа под тешки критики, што ја натера да го откаже гласањето во британскиот Парламент за текстот на документот поради длабоките поделби и извесниот неуспех. Ден потоа го преживеа гласањето недоверба кое го организираа нејзините ториевци.

Покрај случаите Брегзит и Скрипал, стариот контитент се занимаваше и со една постара тема, таа за мигрантите и нивните права на територијата на унијата.

Останувајќи во Европа, годината донесе една значајна промена за глобалната политичка сцена и двајцата највлијателни политичари во ЕУ. По лошите резултати на покраинските избори и турбулентната година исполнета со болни компромиси, најмоќната жена во светот, германската канцеларка Ангела Меркел се повлече од кандидурата за шефица на ЦДУ а по завршувањето на мандатот и од позицијата канцелар. За партиска наследничка, а можно и канцеларска, избрана е Анегрет Крамп – Каренбауер.

Во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон беспомошно гледаше како неговата популарност вртоглаво паѓа. Неговите реформи ги извадија французите на улиците а движењето наречено „жолти елеци“ му го зададе последниот удар на неговиот рејтинг станувајќи предводник на огорчените Французи.

Стариот контитент се справуваше и со терористичлки напади, природни катастрофи и несреќи.

Во март страшен пожар во трговскиот центар во рускиот град Кемерово усмрти 64 лица, од кои дури 41 дете. Уривањето на вијадуктот во Џенова во август предизвика смрт на 41 лице и ја натера Италија и другите држави на голема операција за безбедносна проверка на мостовите.

Терористички напади имаше во 2018 година, како нападот на 11 декември во францускиот град Стразбур на божиќен саем каде криминалец од исламско потекло уби пет лица.

Летото ја донесе долго-подготвуваната историска средба на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун  со Трамп. По неа следуваше дополнително затоплување на односите меѓу двете Кореи, кое пак започна со зимските олимписки игри во Сеул.

Од друга страна значајна тема беше и истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за мешање на Русија во американските претседателски избори. Од перспектива на американскиот претседател работите не изгледаат добро, бидејќи поранешниот соработник на Трамп Пол Манафорд веќе е во затвор, а наскоро ќе му се придружи и поранешниот личен адвокат на претседателот – Мајкл Коен.

Саудиска Арабија фрли сенка со убиството на новинарот Џамал Кашоги. На 2 октомври, под гаранции дека нема да биде повреден, Кашоги влегува во саудискиот конзултат во Истанбул каде требало да извади документи за венчање со турската свршеница, која го чекала надвор. Меѓутоа не успева да ја напушти зградата бидејќи беше брутално убиен, распарчен и растопен во киселина. Следните неколку денови светот го посведочи можеби најлошото прикривање на убиство во историјата, за време на кои Ријад негираше вина пред делумно да признае дека е одговорен за смртта на Кашоги.

Годината беше добра за технолошкиот развој и особено истражувањето на Сончевиот систем. Вселенското летало на НАСА Њу Хорајзонс е првото кое го истражи Плутон и во февруари испрати фотографии од работ на сончевиот систем. Нов чекор во истражувањето на Вселената обележа беспилотното летало на НАСА Инсајт, кое безбедно слета на Марс, почнувајќи ја двогодишната мисија за истражување на длабочината на Црвената планета.

Како позитивен настан кој остави трага на годината е спасувањето на 12-те момчиња и нивниот тренер од поплавената пештера на Тајланд и комплексната спасувачка операција во која асистираа повеќе држави и организации. Сите овие елементи создадоа приказна со среќен крај, која без здив ја следеше целиот свет и со која го завршуваме овој преглед на најзначајните настани во годината.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ