Министерството за култура поддржа видео на контровезните навивачи „ Балисти“

Бура од реакции на социјалните мрежи предизвика видео во кое се претставени навивачите на тетовска Шкендија, наречени Балисти, кои се познати по нивните националистички истапи во јавноста. Во видеото се вели дека „ Балистите“ се дел од гордоста, идентитетот и културата на младите Албанци и дека во Тетово нема кој не е нивен член. Министерот за култура, Адеми, при денешното обраќање за остварените резултати во 2018, се оправда дека во апликацијата на конкурсот „ Млади Европејци“, авторот на видеото Фатон Ислами, не навел дека ќе ги интервјуира членовите на навивачката група Балисти и дека во видеото нема говор на омраза или насилство.

  • Беше наведено дека во три различни градови, во Тетово, Кратово и Кичево, преку снимени видео материјали ќе се промовираат некои особености и афтентичности од културното живеење во овие градови. Ниту во доставената апликација, ниту во описот на проектот, ниту пак во видеото што го погледнав, нема говор на омраза, ниту повикување на насилство, изјави Асаф Адеми-министер за култура

На новинарско прашање, дека во видеото има парола на која Македонците се претставени како канцер на Европа, министерот Адеми рече дека тоа не го видел и дека доколку се утврди, ќе ангажира инспекција.

  • Доколку има , ние ќе превземеме соодветна инспекциска активност. Но, од тоа што го видов и од тоа што го слушнав, нема било каков говор на омраза, вели Адеми.

Ова е едно од трите видеа од проектот „ Запознај ја Македонија“, кој помина на конкурсот „ Млади Европејци“, кој го спроведе ресорното министерство во ноември годинава, а содржините беа претставени од 10 до 20 декември. Трите видеа се финансирани со вкупно 2500 евра. Навивачката група Балисти е формирана 1992 година. Позната е по националистичките ставови, како и по инцидентите со Македонци во тетовските локали. Најеклатантен пример за етничка нетрпеливост од нивна страна, е симнувањето на македонското знаме од јарболот на стадионот во Кичево, во октомври 2010 година.

 

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ