Уште едно дете почина во американски притвор за мигранти

Осумгодишно момче од Гватемала почина во американски притвор за мигранти, соопшти американската Агенција за царина и погранична заштита.  Ова е втор смртен случај на дете мигрант во притвор месецов откако претходно почина седумгодишно девојче исто така од Гватемала. Невладините организации и дел од локалните власти побараа истрага за случајот.

Треба да има истрага. Како што знаете во случајот со смртта на Џеклин има истрага на Канцеларијата на главниот инспектор, ќе побарам истрага и за оваа смрт за која слушнавме денеска на Божиќ, само за да ги откриеме фактите, да разбереме што се случило и да спречиме повторување на нешто вакво, вели претставникот во Конгресот на Тексас, Бето О’Рурк.

Како што е наведено, детето во понеделникот наутро покажувало знаци на потенцијална болест и заедно со татко му било префрлено во болница, каде му биле дијагностицирани настинка и треска. По лекарската интервенција и примената терапија момчето ноќта било вратено во болница со повраќање и мачнина и после неколку часа починало.

Сакам да бидам сигурен дека нивната добробит е нашата примарна грижа. Да се осигураме дека се добри, дека се со нивните семејства, дека добиваат медицинска нега. Тие не се закана за државата. Да се фокусираме на нивната благосостојба и здравје, вели О’Рурк.

По овој трагичен случај Агенцијата за царина и погранична заштита соопшти дека ќе спроведе систематски преглед на сите деца во центарот и ќе се фокусира на деца под 10-годишна возраст.

Центрите беа отворени откако илјадници мигранти од Централна Америка, пред се од Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, пристигнаа на американската граница во потрага кон подобар живот. Администрацијата одлучи да не им дозволи влез на мигрантите без документи и отвори прифатни центри, во кои ги разделија децата од возрасните.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ