Кевин Спејси обвинет за сексуален напад врз тинејџер

Холивудскиот актер и оскаровец Кевин Спејси е формално обвинет за сексуален напад врз тинејџер. Настанот наводно се случил во јули 2016та година во бар во Нантакет, Масачусец. Но во видео објавено на Јутјуб под наслов „Да бидам искрен“, Спејси преку ликот на Френк Андервуд од серијата „Куќа од карти“ ги негира обвинувањата.

Ако не ја платив цената за работите кои и двајцата знаеме дека сум ги направил, сигурно нема да ја платам за работите кои не сум ги направил, порачува Спејси.

Во триминутното видео Спејси директно му се обраќа на гледачот исто како и неговиот лик во серијата.

И покрај сите глупости, и покрај сето непријателство, насловите, импичментот без процес, покрај се, покрај дури и мојата смрт, се чуствувам изненадувачки добро. И мојата самодоверба расте со секој поминат ден, дека многу брзо ќе ја дознаеш целосната вистина, вели тој.

Ова воедно претставува и прво појавување во јавност на Спејси по првите обвинувања за сексуални напади кои се појавија во ноември минатата година. Тоа предизвика откази од продуцентите за повеќе улоги на телевизија и филм, вклучувајќи го и отказот од Нетфликс за улогата на Френк Андервуд во Куќа на карти.

Не сме завршени, што и да велат другите. Покрај тоа, знам што сакаш. Ме сакаш назад, тврди Спејси.

Покрај формалниот почеток на судскиот процес во Масачусец, британската полиција објави дека истражува пријави за недолично однесување во времето кога Спејси беше уметнички директор на Стариот театар во Лондон. Што се однесува до другите обвиненија, обвинителството во Калифорнија отфрли поднесување пријави затоа што делата биле застарени.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ