
Папата повика на мир во зоните погодени од војните во светот
Долгите години на страдање од војните во Сирија и Јемен беа темата на традиционалната божикна порака на поглаварот на римокатоличката црква. Војните кои се водат во Сирија и Јемен ги опустошија двете држави, и со текот на годините предизвикаа катастрофални хуманитарни кризи, раздвојување на многу семејства, немирни детски соништа. Затоа, понтифот порача дека е време да се врати братството. Меѓу индивидуите, но и меѓу сите нации и култури. Братството меѓу луѓето со различни идеи, а сепак способни да се почитуваат и да се сослушаат.
Моите мисли се кон Јемен, со надеж дека примирјето посредувано од меѓународната заедница конечно може да донесе олеснување за сите оние деца и лица исцрпени од војна и глад, порача папата.
Сирија се доближува до осмата година од војната. Папата се надева дека меѓународната заедница ќе најде политичко решение за луѓето кои се принудени да ја напуштат.
Нека меѓународната заедница работи одлучно за политичко решение кое ќе ги одвои сите поделби и партиски интереси, за сирискиот народ, посебно тие кои се принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште на други места, да можат да се вратат во мир во нивната земја, вели папата.
Понтифот не ги забрави ниту тензиите кои стануваат се поочигледни меѓу големите светски сили околу миграцијата, потсетувајќи дека љубовта, прифаќањето и почитта се сепак хумани особини. Разликите не се опасност, меѓу нас, тие се извор на богатство, порача тој. Денешното обраќање е само продолжение од вчерашната бадникова порака во која го осуди се поголемиот јаз кој се продлабочува меѓу богатите и сиромашните. Алчноста и незаситеноста остануваат да се карактеристика за човековата историја, смета папата, но го потсети светот да се праша понекогаш – дали ни требаат толку материјални добра и сложени рецепти за животот? Нели можеме да живееме поедноставно?
Традиционалната божикна порака е краток одмор од проблемите со кои се соочува понтифот. Цела година е критикуван поради неговата немоќ да се справи со кризата која владаа меѓу свештенството поради сексуалните обвинувања. Франциск се надева дека црквата ќе најде начин да одговори во февруари кога во Ватикан треба да се соберат епископите од цел свет.
Алиса Шутиноска