Србија и Косово со меѓусебни обвинувања пред големите сили во Советот за безбедност

Формирањето војска на Косово беше главната тема на седницата на СБ. На барање на Србија и Русија беше организирана во краток рок, што му овозможи на Александар Вучиќ да побара од големите сили во светкста организација да земат поактивна улога околу дијалогот Белград – Приштина. Вучиќ рече дека постапките на косовските власти ги загрозуваат сите Срби на Косово. Стравува за нивната иднина, но и за целиот регион. Србија нема деца за губење во војни, но некој мора да ги скроти овие луѓе, апелираше.

  • Страдавме многу во минатото и немаме повеќе деца за губење во разни војни, непријателства и судири. Но, ве молиме сите, ова е мојата најголема молба вечерва. Некој мора да ги ограничи, некој мора да ги скроти овие луѓе, бидејќи мерките кои ги воведоа неодамна не се кохерентни со 21 век, рече Вучиќ. 

За Хашим Тачи, ништо вонредно не се случило минатата недела.

  • Одлуката за армијата е задоцнета, но никако не е погрешна. Задоцнета е затоа што ја чекавме добрата волја од оние кои никогаш не покажаа добра волја кон Косово. Единствената закана за нашиот регион се ирационалните повици за војна и конфликт кои доаѓаат од нашиот северен сосед, порача Тачи. 

До крајот на седницата следуваа меѓусебни обвинувања…Тачи го обвини Вучиќ за етничко чистење, на што Вучиќ му одговори дека денеска на Косово има двојно помалку Срби од минатото. Но, Тачи не остана должен и го потсети дека светот знае кој бил агресор, а кој жртва – дека апаратот на Србија убил 35.000 косовски цивили, и силувал 20.000 албански жени.

За крај, Америка и Британија ја поддржаа одлуката на косово да формира своја војска. Кина и Русија останаа на страна на Србија. Холандија и Франција ја поддржуваат желбата на Косово да е независна земја, но формирањето војска не е во добар момент, со оглед на дијалот со Белград, кој сега тешко ќе се продолжи. ЕУ ги повика и Белград и Приштина да се воздржат од ексцеси и да ги смират тензиите.

 

Алиса Шутиноска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ