
Нема повредени во експлозијата во грчката ТВ Скај
Силна експлозија одекна ноќеска во дворот на грчката телевизија Скај, предизвикувајќи голема материјална штета на објектот. Според полицијата, експлозијата се случила во 2.30 часот ноќеска, но и претходеле два анонимни повици, едниот во информативниот портал Зугла и во грчката телевизија Антена. Непознато лице предупредило дека е поставена бомба во телевизијата Скај, и неколку пати потенцирал дека не станува збор за фарса и дека бомбата ќе експлодира по 45 минути. Делот околу зградата на телевизиската куќа веднаш бил затворен, а од силината на експлозијата се искршени прозирцитѕе од првиот до шестиот кат на објектот.
Наместо од студиото на телевизијата, утринската информативна емисија на скај утрово се емитува од дворот на телевизијата. Иако, никој не ја презел одговорноста за нападот, вработените новинари прстот го вперија во грчката влада, обвинувајќи ја дека, преку нивните изјави медиумот станал таргет.
„Државата, која е обврзана да го охрабри плурализмот и да ја заштити безбедноста на медиумите и нејзините вработени, ги игнорираше нашите предупредувања за постојаните закани кои ги добиваше Скај ТВ. За жал, СКАЈ ТВ во изминативе години е таргетирана, бидејќи владините службеници и пропагандните механизми ја направија нашата ТВ станица цел за напади. По денешниот драматичен развој, тие мора да ја сфатат гравитацијата и целосната димензија на нивните запаливи изјави, се вели во соопштението од вработените, во кое посочуваат дека денешниот терористички напад нема да ги заплаши да продолжат со нивната независна и демократска работа, со цел да ја информираат јавноста.
Утринава телевизиската станица ја посети лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис. Освен осуда за нападот од претседателот на грчкиот парламент и министреката за цивилна заштита, официјален одговор од грчката влада за новинарските обвинувања, се уште не е пристигнат.
Алиса Шутиноска