
Катовице го „оживува“ Парискиот климатски договор
Преговарачите на 200 држави се договорија синоќа на конференција во Катовице за правилата за имплементација на клучниот глобален договор за борба против климатските промени потпишан во 2015 година во Париз. Договорот е постигнат по две години работа и две недели разговори во Полска, а претседавачот на конференцијата, Михаил Куртика не можеше да го сокрие задоволството.
Принципите кои беа усогласени од лидерите во 2015 мораа да бидат ставени во сила, мораа да бидат операционализирани, мораа да бидат поставени во практични правила и тоа го постигнавме тука во Катовице, Полска. И јас сум многу горд и многу среќен, рече Куртика.
Учесниците успеаја да надминат политички разлики за да постигнат консензус за деталните рамки на Парискиот договор и усигласија единствен правилник, кој ќе важи за сите. Токму работата на правилникот беше најобемната, затоа што требаше да биде усогласен со сите законски органичувања и норми во секој држава посебно.
Бевме водени од нашето чуство за човечност и посветеноста на добробитта на Земјата која не одржува нас и сите генерации кои ќе не заменат нас, вели претседавачот Куртика.
Иако претседавачите на конференцијата беа среќни од исходот, добар дел од делегатите заминуваат разочарани. Тие упатија критики и изразија сомнеж дека договореното во Катовице ќе биде доволно за да се ограничат ефектите од глобалното затоплување. Цел на Парискиот договор и на конференцијата во Полска е ограничување на зголемувањето на температурите под 1,5 степени за овој век, но дел од учесниците обвинија дека предложените планови не се доволни.
Светот мора да види дека ги добиваме потребните намалувања затоа што само тогаш, само тогаш ќе ги добиеме потребните текови. Сакаме милијардите да се претопат во трилиони, вели министерката за животна средина на Канада, Кетрин МекКена.
Последниот извештај пак на ОН, покажува дека до крајот на 21 век, температурата ќе се зголеми за дури 3 степени. Тој извештај не беше добредојден од големите земји на конференцијата, САД, Русија, Саудиска Арабија и Кувајт се спротиставија на неговото вклучување во завршната изјава и дискусиите за него беа одложени за следната конференција.
Игор Трајков