
Нов протест на „Жолтите елеци“ во Париз
Илјадници приврзаници на „Жолтите елеци“ и денеска демонстрираа на Шанзелизе во Париз и покрај апелите од страна на владата и францускиот претседател Емануел Макрон. 69 илјади полицајци ги обезбедуваа денешните протести на кои демонстрантите повторно се судрија со полицијата која употреби солзавец за да ја растера толпата.
Ова е петти викенд обележан од масовни протести ширум Франција и особено во Париз, каде беа забележани жестоки судири со полицијата и сквернавење на споменици. 24 новинари најавија дека ќе поднесат пријава за полициско насилство на кои им била одземена опремата или беа мета на силите на редот и на нивните гумени куршуми, шок бомби и полициски палки.
Демонстрациите започнаа поради планираното покачување на цената на горивата, од кое владата подоцна се повлече, но протестите се уште продолжуваат против други социоекономски политики на владата.