
Рaзлични гледиштата во Приштина и Белград за влијанието на армијата врз идниот дијалог
Иако еуфоријата во Приштина се уште трае, нејзините поблиски соработници, со исклучок на САД, не се пресреќни поради вчерашната одлука на собранието да ги усвои законите за формирање косовска армија. Но во Приштина се надеваат дека евентуален напредок во преговорите со Белград, ќе ја ублажи разочараноста на Брисел и НАТО.
Косовските односи со НАТО ќе бидат почуствителни во следните недели и месеци. Но ако се постигне конечен договор меѓу Косово и Србија во текот следните месеци, тогаш односите меѓу Косово и НАТО ќе се вратат на патот кој ќе создаде можност за Косово да ја придвижи својата евроатланска интеграција, вели аналитичарот Лабинот Греичевчи од Истражувачкиот институт за развој и европски прашања.
Но по вчерашните настани, Србија не е убедена дека Косово некогаш вистински преговарало за нормализирање на односите. Српскиот претседател Вучиќ обвини дека позади се што се случува на Косово стојат САД, Велика Британија и Германија.
Поради фактот што Албанците со оваа одлука ги загрозија мирот и стабилноста во целиот регион на Западен Балкан, како и тие што го спонзорираа ваквото нивно однесување, Србија испрати барање за одржување на итна седница на Советот за безбедност на ООН, вели Вучиќ.
Таа седница најверојатно ќе се одржи во понеделник. Но 15 земји членки на Советот за безбедност на ОН веќе одржаа неформален состанок на барање на Србија.
Иако вчерашната одлука предизвикува нови тензии во односите меѓу Белград и Приштина, во Косово не сметаат дека на подолг рок армијата ќе нанесе штета на процесот за нормализација.
Ова е процес кој ќе трае една деценија или повеќе од тоа. Во тој контекст би кажал дека влијанието, непосредното влијание од оваа одлука, ќе се однесува на дијалогот меѓу Косово и Србија. На некој начин мислам дека може да го забрза процесот меѓу Косово и Србија, вели Греичевчи.
Брисел уште еднаш повтори дека одлуката на Приштина е избрзана. Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан побара прекин на провокациите. Зборувајќи за виенското радио „Ое1“ вели дека изминатото лето се уште имало динамика во дијалогот и дека се разговарало за можните елементи на договорот, но таа динамика по последните потези на двете страни исчезна.
Игор Трајков