
Косовското Собрание даде зелено светло за формирање на војска
Косовското Собрание денеска ги усвои сите три закони со кои се прави трансформација на Безбедносните сили на Косово во Oружени сили на Косово. За законите гласаа сите пратеници освен претставниците на Србите од партијата Српска листа. Одлуката беше дочекана со измешани реакции во регионот и Европа, но косовскиот претседател тврди дека армијата ќе биде фактор на стабилност и доверлив партнер.
- Косовската армија, како и косовската држава и општество ќе биде мултиетничка, професионална и во служба на сите граѓани на Косово. За мир во Косово и регионот и каде и да има потреба од Косово во светот, ќе продолжи да работи со нашите партнери, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.
Белград и Србите не го споделуваат оптимизмот на Приштина. Во Косовска Митровица, пред седиштето на УНМИК, српски демонстранти симболично ја погребаа Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. За нив ова е чекор кон продолжена дестабилизација на регионот.
- Длабоко и искрено верувам дека без стабилен регион, нема стабилна Србија. Ниту другите земји во регионот ќе бидат стабилни. Подобро е да седнеме и да разговараме за тоа како да изградиме поинаква иднина, наместо да градиме бариери, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.
Вашингтон и Берлин ја поздравија одлуката потенцирајќи дека формирањето војска е суверено право на секоја држава. За разлика од нив, Брисел и Генералниот секретар на НАТО беа повоздржани. Тие не го негираат правото на транформација на безбедносните сили туку сметаат дека тоа требаше да се спроведе во епатен и сеопфатен процес, и кој требаше да се одржи подоцна.
Игор Трајков