
Косово формираше војска
Косовското Собрание ги изгласа трите закони со кои се врши трансформација на Безбедносните сили во Oружени сили на Косово.
- Нашата армија ќе биде секогаш подготвена да служи и да го негува зајакнувањето на мирот во земјата, регионот и каде што е потребно во светот, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.
Сите пратенички групи на партиите на косовските Албанци, како и пратениците на другите несрпски заедници, објавија дека ќе гласаат за законите, а безбедносните сили веќе имаат најавено церемонија со која ќе ја прослават трансформацијата во војска.
- Без безбедност не постои живот, не постои економија. Како суверена држава, нормална држава има потреба од армија и сигурност за сите граѓани без разлика, изјави Рахман Рама – Генерал Полковник и командант на ФСК
Категорично против формирањето војска се десетмината пратеници на партијата на косовските Срби, Српската листа, како и официјален Белград, кои тврдат дека тие сили се насочени против српската заедница во земјата, како и дека ќе го загрозат мирот во регионот.
- Албанска војска која нема правна основа, нема основа во резолуцијата 1244. Единствената обврска на КФОР, кој делува под мандат на ООН е да ја распушти таа војска, но тие нема тоа да го направат. Тие ќе кажат дека многу работи се имаат променето од кога прогласија независност, изјави српскиот претседател Вучиќ.
Отворена поддршка на формирањето војска на Косово изразија Вашингтон и Лондон, како и командантот на НАТО, Џејмс Фого, кој во средата во Скопје изјави дека тоа е суверено право на Косово. Против се изјаснија неколку членки и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, кој рече дека одлуката на Приштина е избрзана.
Игор Трајков