
Европа протестира – Од Париз и Брисел преку Будимпешта, до Тирана и Белград
1848-та, 1918-та, 1968, и актуелната 2018-та. Има нешто револуционерно и бунтивничко во осмицата на крајот на годините, што ги обидува европјаните во социјалниот бес и протести. Зимата на социјалниот бес доаѓа, зимата на нашите незадоволства е на прагот и половина Европа е на нозе.
Покрај веќе водечкиот Париз кој ги зарази и Брисел и Амстердам, се протестира и во Италија, во Унгарија, во Албанија, а од мината ноќ и во Србија.
На вчерашните четврти по ред за викенд протести на жолтите елеци во Париз и цела Франција, бевме сведоци на нова урбана герила. Нападот врз Макрон не беше докрај успешен и протестантите не стигнаа до Елисејската палата, но социјалниот мир и понатаму не е обезбеден. Уапсени беа преку илјади лица, а повредени 135 лица од кои 17 полицајци. Превентивната репресија функционираше, Републиката го издржа ударот. Но, до кога?!
„Што треба да направиме. Што треба да направиме против ова. Ние сме како стока за нив. Не третираат полошо од гомна. Ова не е нормално. Нашата Франција не е ваква. Нашата Франција не е ова и ќе продолжиме да ја браниме, до крај. Ќе продолжиме, погледенете не“.
Францускиот бунт ги зарази Белгијците кои го нападнаа европската четврт на Брисел. Бараат оставка од премиерот Мишел и францускиот претседател Макрон.
„Протестираме поради високото ниво на даноци, високата цена на дизелот, тие не зезаат нас тука. Тука сме за мирно да протестираме, може има некои што прават спротивно, што се насилни, ама јас ги немам видено. Видете како не третираат, како не седнале тука, коленото го свиткав, и морам вака да седам“.
Холанѓаните во помала бројка цветно и мирно протестираа, можеби не возат премногу автомобили како своите соседи, но сепак излегоа во знак на солидарност.
Во Италија движењето „Но Тав“ против брзата железница Торино – Лион, извади на улица преку 50 илјади демостранти.
Протести и низ истокот на Европа, протестите можеби имаат нешто поинаква тематика, но секаде доминира структуралниот проблем, социјалниот немир и несигурност и недовербата во елитите на власта.
Нема мир ни за Орбан, автократот и заштитник на нашиот пребеган поранешен премиер.
Илјадници Унгарци вчера протестираа по улиците на Будимпешта против новиот предлог закон за труд кој на работодавачите им овозможува од вработените да бараат до 400 часа прекувремена работа годишно.
Членовите на синдикатите и нивните приврзаници носеа транспаренти со натписи „Кога тиранијата е закон, револуцијата значи ред и поредок“.
„Оваа власт веќе ја уништи земјата. Иднината им припаѓа на младите, но ние им оставаме рушевини и оваа власт која веќе уништи се што можеше“.
Младите протестираат во Албанија. Илјадници студенти со денови веќе протестираат против владата на Еди Рама, барајќи да се исполнат нивните барања за намалување на тарифите за школарината во државните универзитети и подобри услови во студентските домови. Студентите објавија и список на имиња на универзитетски професори кои за полагање на испитите бараат девизи и се целосно корумпирани.
Протести под мотото „Стоп за крвавите кошули“ се одржаа вчера во Белград, на кои учесниците со протестен марш низ главниот град на Србија, завршија на „Плоштадот на Републиката“ и ја испратија пораката „Почнавме Србијо“. Повод за одржување на протестите е нападот на лидерот на Левицата на Србија, Борко Стефановиќ, кој пред нешто повеќе од две недели заедно со Бобан Јовановиќ и Марко Димиќ, активисти на партијата биле нападнати и бил претепан.
„Драго ми е што ве гледам овде, а не на Твитер и на Фејсбук. Важно е да сфатите дека оваа борба не може да се води со палци туку со нозе, раце и грло, со викање, гласно викање, на оваа одвратна и лигава власт. Господине Вучиќ, ќе треба добро да размислите колку глави треба да скршите за да останете на власт“.
Руските и турските автократи се ситат на европските немири.
„Тоа што се случува пред нашите очи покажува дека Европа потфрли на темата демократија, човекови прави и слободи“, кажа Ердоган.
Но, малку што разбира Ердоган, дека граѓаните низ Европа со векови ги рушели и обновувале своите републики и владетели околу социјалните теми, свесни дека човекот е слободен по себе и за себе, дека е роден и дека треба да живее слободно и дека таа еднаквост е изворот на правото.
Македонија пак, во заблуда дека своите борби за слобода и подобар живот одамна или еднаш за секогаш ги изборила, полека паѓа во нов зимски сон.
Ивор Мицковски