
Франција засега без вонредна состојба
„Макрон поднеси си оставка“ „Жолтите елеци ќе победат“…Овие пораки го пречекаа францускиот престедател, ден по најнасилните протести во Париз, во изминатава деценија. Макрон свика итна седница на советот за безбедност на која била разгледувана и опцијата да се воведе вонредна состојба во земјата, но засега оваа мерка останува само на хартија.
Навидум мирниот протест за цените на горивата, брзо излезе од конторла кога инфилтрирани екстремисти се судрија со полицијата. Не ги сопреа ниту водените топови, ниту солзавецот. Колку и да ги поддржуваат „жолтите елеци“, парижани се вознемирени од вандализмот.
- Протестот на жолтите елеци беше оправдан, но сите овие екцеси, големината на штетата, згрозена сум..трауматизирана…
Но, демонстрантите велат дека ситуацијата била поинаква.
- Добро, имаше и бесни демонстранти, но кога ви прскаат солзавец цели пет часа, кога ви фрлаат димни бомби и тоа не сопира, во еден момент секако луѓето ќе возвратат, на луѓето им е преку глава.
„Жолтите елеци“ за вчерашниот ден го обвинуваат Макрон. Според нив, тој многу добро знаел дека ќе има насилства, ги дозволува и сметаат дека бара причина за да прогласи вонредна состојба. „Жолтите елеци“ протестираат веќе трет викенд. Но, движењето е многу повеќе од протест поради цените на горивата. Луѓето се разочарани од фискалната политика на владата. Неколкуте обиди на власта да ги сослуша завршуваат без успех. По вчераните немири по што беа уапсени над 400 луѓе и повредени над сто, протестите не се движат во насока на смирување. Дури се добива впечаток дека добиваат на масовност. За наредниот викенд е најавена новата фаза под назив „акт 4“, протест кој треба да се случи на плоштадот Бастиља, на кој ќе се бара оставка од Макрон.
Алиса Шутиноска