
Ден по насилните протести во Париз уапсени над 400 луѓе
За да не се повтори уште еден насилен протест, како оној од вчера кој е најнасилен во изминативе 10 години, француската влада размислува да воведе вонредна состојба, изјави портпаролот на Владата, Бенжамин Гриво. Владата ги повика мирољубивите демонстранти да дојдат на преговарачката маса. Гриво вели дека владата мора во наредните денови да разгледа кои мерки ќе ги презема за ваквите инциденти да не се повторат.
Група маскирани млади луѓе, кои носеа и метални шипки вчера го направија најголемиот неред во Париз, палејќи автомобили и барикади. Владата соопшти дека околу 1.500-тини инфилтрирани екстремисти го искористија мирниот протест на „жолтите елеци“ и се судрија со полицијата, фрлајќи врз нив камења. Полицијата со солзавец и водени топови, како и гумени куршуми се обдиуваа да ги смират, но дивеењето продолжи и низ улиците на Париз. Почнаа да ги ограбуваат продавниците, да палат автомобили, се качија дури и на Триумфалната капија.
Нередите траеа до вечерните часови, а со демонстрантите се справуваа 5.000 полицајци. Уапсени се над 400-тини луѓе, повредени се 133, од кои 23 полицајци.
„Жолтите елеци“ протестираат веќе трет викенд, но вчерашните демонстрации беа најнасилни и сутуацијата излезе од контрола. Протестот првично почна против мерката на францускиот претседател Макрон за зголемување на цените на горивата, но потоа премина во генерално незадоволство поради високите животни трошоци во земјата од кои најпогодени е средната класа чија куповна моќ се намалува.