
Од Украина до нуклеарки, преку Рашагејт – Зошто Трамп ја откажа средбата со Путин на Г20 самитот?!
Насмевки и групни фотки на светските лидери на Г20 самитот, но главната тема и понатаму е зошто Доналд Трамп ја откажа закажаната средба со Путин.
Трамп како театарот на апсурдот, и оваа средба на двајцата најмоќни луѓе на планетата како чекањето на Годо, постојано најавувана и откажувана.
Со исклучок на онаа во Хелсинки на почетокот на годината, која требаше да го навести затоплувањето на односите меѓу Сад и Русија, што никогаш не се случи.
„Ние си треба едни на други, и се надевам дека порано или подоцна нема да зависиме од домашни настани или ситуации во други земји и ќе почнеме да реагираме на тоа што во реалноста се случува во глобалниот свет“, кажа Константин Козачев – Шеф рускиот комитет за надворешни работи.
За волја на вистината Трамп се обиде во два наврати да се сретне со Путин. Прво со покана во Вашингтон, за која немаше клима и предуслови. Потоа во Париз, на неодамнешното одбележување на стогодишнината од крајот на Првата светска војна. И тоа пропадна.
Официјалото оправдание веше дека Трамп и Путин не сакале да го засенат Макрон и стават во втор план големиот настан. Гест кој не е премногу типичен за Трамп.
„Многубројни средби без резултати би можеле понекогаш да бидат полоши и од никакви средби, затоа што целиот свет би видел дека двете нуклеарни суперсили се неспосбни да се договорат околу било што, тоа може да послужи како уште поголема дестабилизација“, кажа Фјодор Лукјанов – политички аналитичар.
А дестабилизација се случи и без средби. Вашингтон и Москва во меѓувреме се искараа околу договорот за ограничување на балистичките ракети. Но, само Трамп се закани дека ќе излезе од договорот потпишан од Реган и Горбачов.
Потоа, последниот настан, инцидентот со Украина кажува дека Путин не направи ништо да ја олесни евентуалната средба. Токму и судирот меѓу Киев и Москва е официјалната причина на Белата куќа за откажување на средбата.
Прашање за експертите за Кремљ е зошто Путин одлучи токму пред Г20 самитот да го испровоцира Западот. Можеби сака да ги стави на тест односите меѓу НАТО членките? Да ја опипа кохесијата помеѓу САД и ЕУ? Но, се што доби е одлагање на средбата, иако без преголеми критики.
„Никој не може да открие зошто Трамп толку се воздржува од критикување на Путин, но мислам дека малку повеќе директна комуникација со Путин и поставувањето на реални правила на игра за што е неопходно за да се имаат подобри односи, ќе даде повеќе резултати отколку ласкањето кон Путин“, кажа Александер Вершбоу – поранешен американски амбасадор во Русија.
Конечно, постои и позадината на американската домашна политика. Токму во овие моменти истрагата за Рашагејт на Милер добива нови сведоштва за неговата вмешаност со Русија околу изборите во 2016-та година. И оттука, можеби на Трамп баш му одговараше да ја откаже средбата повикувајќи се на Украина.
Ако средбата навистина се случеше, ризикот за Трамп ќе беше дека премногу од прашањата на американските новинари ќе се фокусираа на истрагата и на неговата вмешаност со Русите.
Ивор Мицковски