Меркел сепак оди на Г20 со комерцијален лет од Мадрид

Германската канцеларка Ангела Меркел сепак ќе замине за Аргентина на денешниот состанок на Г20, откако нејзиниот авион синоќа принудно лета во Келн поради технички проблеми. Поради должината на летот и доцнењето, Меркел најверојатно ќе го пропушти отворањето на дводневниот самит на Групата 20 индустријализирани земји.

Во Ербасот А340, како што се вели, комплетно откажал системот за комуникација. Поради тоа, леталото кое тргна од Берлин, мораше да слета принудно по нешто повеќе од еден час лет. Според медиумите, се поставувало дури и прашањето дали авионот воопшто е во состојба да слета без радио-врска.

„Рајнише пост“, повикувајќи се на владини кругови, пишува дека по вакви случаи се води истрага во „сите насоки“, па и околу можна криминална позадина на инцидентот. Од воената авијација денеска се тврди дека леталото е ставено на стандарна проверка и не се дава потврда дека се истражува и евентуална криминална позадина на случајот. Германската канцеларка ноќта ја мина во хотел во Бон, а денеска со мала делегација заминува за Мадрид, од каде со редовен лет продолжува за Аргентина.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ