Косовските царини ги натераа градоначалниците на српските општини на оставки

И денеска нема достава на млеко, весници и други српски производи на северот од Косово, поради целосната царина што ја воведе Приштина за Белград. Во моментов се трошат залихите, а за градоначалниците на четирите српски општини на косово, ова е кршење на човековите и економските права на Србите, и поради тоа поднесоа оставки. Во заедничката декларација на челниците од Косовска Миторвица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, се вели дека органите на приштинската администрација на северот од Косово од денеска не постојат. Со оваа нивна одлука, косовските Срби ја прекинаа комуникацијата со властите во Приштина, и така ќе биде се до целосно повлекување на, како што велат, сите дискриминаторски мерки, кои не се нови.

  • По шест, односно пет години сум среќен и дека носев еден товар на срам кој се вика градоначалник на косовските институции. Пресреќен сум за ова, со што покажуваме дека сме со нашиот народ, дека доста долго, односно сите овие пет години трпевме разни тортури и од страна на меѓународната заедница и од привремените косовски институции, вели Стеван Вуловиќ, градоначалникот на Зубин Поток.

Во истовреме, во Косовска Митровица се одржа мирен протест. Луѓето бараат Приштина да ја повлече спорната одлука која има за цел хуманитарна катастрофа, и да го оневозможи животот на Србите на Косово.

  • Таксите кои ги воведе Приштина значат дека нашите деца утре нема да имаат основни услови за живот. Нема да имаат храна, леб, вода. Освен срамната царина, повод за денешниот собир е и бруталната акција на специјалната единица РОСУ која упаѓа на северот, иако со резолуцијата 1244 е јасно договорено единствената вооружена формација да биде КФОР, изјави Горан Ракиќ, градоначалник на Косовска Митровица.

Побарано беше и да се ослободат уапсените Срби кои во акцијата на косовската полиција беа упасени во врска со убиството на српскиот политичар Оливер Ивановиќ.

За познавачите, ако се чека некоја одлука од Прштина, ситуацијата ќе биде се потешка и понеизвесна. Агресивноста на косовските власти веројатно би можеле да ја сопрат само Брисел и Америка.

 

Алиса Шутиноска

 

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ