Пол Манафорт не престанал да ги лаже ФБИ и специјалниот обвинител Малер

Поранешниот менаџер на изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт, лажел за време на сведочења во Федералното истражно биро на САД (ФБИ) и со тоа ги прекршил правилата на нагодбата, според која се согласи да соработува со истражителите на Роберт Малер за помала затворска казна. Сега покрај тоа што се соочува со 10 годишна затворска казна му се закануваат и покренувања на нови обвиненија.

Светските медиуми оценуваат дека неговите лажни изјави можат да ја загрозат истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за можно руско мешање во американските избори во 2016 година, која би требало да заврши наредните месеци.

Поранешниот менаџер на Трамп беше обвинет во август за банкарска измама и криење банкарски сметки. Тој ја призна вината за да избегне обвиненија за перење пари, меѓу другото, но потоа лажел, се наведува во судски документ.

Тимот на Малер и адвокатите на Манафорт се сложиле дека повеќе нема причини за одлагање на изрекувањето на казната, која може да биде и до 10 години затвор.

Малер го обвини Манафорт дека користел 31 странски банкарски сметки за да избегне плаќање на даноци во вредност од повеќе милиони долари. Како доказ е понуден луксузниот животен стил на Манафорт, за кој обвинителите тврдат дека не би бил возможен ако не извршил финансиска измама.

Властите на Манафорт му запленија четири недвижности и средства од повеќе банкарски сметки.

Светските медиуми констатираат дека иако тоа не бил фаталниот удар врз истрагата, исклучувањето на податоците кои Манафорт ги дал во рамките на нагодбата значи дека Малер загуби значаен сведок со длабоки врски со Русија и тимот на Трамп. Сепак сите обвиненија кои беа покренати против Манафорт се однесуваат на периодот пред да го преземе штабот на Трамп, во средината на 2016-та кога и ја освои републиканската номинација. Малер се надеваше дека Манафорт, кој пред да и се приклучи на кампањата на Трамп работел како консултант на проруски политичари во Украина, ќe биде клучниот сведок во истрагата и евентуалниот процес за руското мешање во американските избори.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ