Повеќе од 600 луѓе се повредени во земјотресот во Иран

Во вчерашниот силен земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтерова скала, кој го погоди западниот дел на Иран, се повредени 634 лица.

Засега нема податоци за загинати, а причинета е материјална штета на повеќе згради. Потресот бил почувствуван и во Ирак.

Вознемирени граѓани ги напуштиле своите домови, соопштија локалните власти. Гувернерот на провинцијата Керманшах, Хоушанг Базванд изјави дека настраданите се главно полесно повредени, а само околу 20 луѓе се хоспитализирани. Дошло и до прекин на електричната енергија.

Тој додаде дека ситуацијата е под контрола. Спасувачки екипи биле веднаш испратени на терен, а ангажирани се војската и Револуционерната гарда.

Епицентарот на земјотресот се наоѓал во близина на градот Сарпол е Захаб.

Минатата година на истото место во земјотрес со интензитет од 7,3 степени загинаа над 600 луѓе, а 9.000 беа повредени.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ