
Лондон и Брисел постигнаа договор за „разводот“
По година и половина мачни преговори, Лондон и Брисел се договорија за условите на нивниот развод. Разделбите не се никогаш едноставни, но секогаш е најдобро тие да бидат пријателски, порачаа од советот на министри на ЕУ, по денешниот состанок кој траеше помалку од два часа. Министрите го поддржаа целиот пакет од 585 страници и на почетокот од состанокот министрите најавија дека „секаков договор е подобар од никаков договор“. Во глобала, договорот е фер и избалансиран, заклучија сите.
- Ги има во предвид позициите на В.Британија, најдовме компромис како да ја избегнеме цврстата граница меѓу Ирска и Северна Ирска. Двете страни одбиваат да има граница. И конечно договорот овозможува постепено одвојување, што беше заедничка цел. Постепеното повлекување е услов за да се постави темелот за амбициозно партнерство, соопшти преговарачот од ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
Следува клучна и одлучувачка недела која треба да финишира на 25-ти, со усвојување на спогодбата и одредување на политичка декларација. Брисел сега дополнително ќе треба да ги одреди внатрешните процедури на унијата и да се договори за продолжување на транзицискиот период, кој наместо до 2020-та ќе трае до 2022-ра. За време на тој период, Лондон ќе продолжи да ја полни европската каса, но не би имал повеќе европратеници ниту еврокомесар во извршната власт. Тереза Меј денеска со истиот елан и се обрати на бизнис заедницата да засатане зад неа и договорот. Во иднина, кога станува збор за имиграционата политика, Британија ќе се концентрира на способностите на мигрантите, а не на националноста.
- Нема повеќе државјаните на ЕУ, без оглед на знаењето и искуството, да мора да одат преку редот на инженерите од Сиднеј или софтверџиите од Делхи. Наместо систем базиран на потеклото на кандидатот, ние ќе имаме систем кој ќе се базира на талетнот и вештините што ги нуди кандидатот, порача Тереза Меј.
Меј е сеуште под силен притисок за договореното. За најголемиот дел од нејзините министри, договорот е штетен, а поради се уште блиските врски кои ќе останат со блокот, Велика Британија останува вазалска држава. Освен што летаа оставки, нејзините соработници и побараа и оставка. Но, за Меј тоа е чин кој само ќе ги влоши работите. Сепак, дури и да се соочи со лидерската позиција, Меј ќе мора да добие поддршка од Парламентот, каде нејзините конзервативци немаат мнозинство.
Алиса Шутиноска