
Автомобил прегази учесничка на протестите против скапите горива во Франција
Едно лице загина а најмалку 47 други се повредени во низа инциденти низ Франција за време на протестите против зголемените цени на горивата. Загинала жена која учествувала на протестите откако била прегазена од возило чиј возач испаничил и место на кочницата стиснал на педелата за гас. Жената која го возела автомобилот ја носела својата ќерка на лекар и во состојба на шок и самата била пренесена во болница по инцидентот. Движењето „жолти елеци“ кои го организираат протестот го осудија инцидентот а загубата на човечкиот живот ја одбележаа со едноминутно молчење.
Протестите започнаа поради непрекинатото зголемување на цените на горивата, пред се на дизелот, кои најмногу ги погодија дистрибутерите и превозниците.
Има голем удел, цената на дизелот порасна и сега не е профитабилно за нас, изјави еден од превозниците.
Цената на дизел горивото, кое е најупотребувано во француските возила се зголеми за околу 23 проценти во изминативе 12 месеци. Цената на нафтата на светските берзи се зголеми но повторно опадна, но владата на Макрон го зголеми јаглеводородниот данокот за 7,6 центи по литар за дизел гориво и 3,9 центи за бензин, како дел од владината кампања за почисти возила и гориво. Дополнителен поттик на протестите им даде и одлуката за ново покачување на истиот данок од 6,5 центи за дизел и 2,9 за бензин кое ќе стапи на сила од 1 јануари.
Тука сум да ги подржам „жолтите елеци“. Доста ни е, има премногу даноци во државава, би рекол дека не водат штетници и тажно е да се види државата да оди во оваа насока, уште малку и нема да можеме да живееме овде, вели пензионерот Ричард Тичит.
Организаторите очекуваа 50.000 демонстранти на 1.000 локации, но одзивот е далеку поголем. Според податоците на Министерството за внатрешни работи на демонстрации излегле 120.000 лица на повеќе од 2.000 локации ширум Франција.
Игор Трајков