
Се остварија молитвите на Киевската патријаршија
Се остварија молитвите на Киевската патријаршија. Потпишан е договорот за создавање самостојна украинска црква. И покрај стравувањата од зголемени тензии со Московската патријаршија, вселенскиот патријарх Вартоломеј рече дека неговото право за доделување автокефалност на украиснката црква е дел од неговите ингеренции, и смета дека на овој начин ќе се надмине расколот кој во Украина постои 30 години. Напнатоста кај православните христијани во земјата е се поголема. Оние кои се под јурисдикција на Киевската патријаршија се радуваат на одлуката на Вартоломеј, но не и оние кои ќе останат под Московската патријаршија.
- Има многу следбеници на Канонската Ортодоксна Црква (московска патријаршија). Тие не можат едноставно да и кажат на Русија „Оди си“. Никој не го може тоа. Ќе се случи ќор-сокак. Луѓето ќе ги бранат своите интереси, смета Илија Богословски, монах во манастир на Украинска црква (Московска патријаршија)
- Одлуката на Константинополската Патријаршија ќе направи непоправлива штета на целиот ортодоксен свет, не само врз Руската Црква. Бидејќи, ова е легализација на поделбата, и брутален напад врз имотот на друга ортодоксна црква, вели отец Александар, портпарол на патријарх Кирил.
Откако Вартоломеј во средината на октомври реши да ја тргне анатемата од Украинската црква, регаираше Московската патријаршија и ги прекина сите врски со вселенската патријаршија. Сега следува и борба за парохиите и имотот, кој со 12.000 цркви до сега припаѓаше на Руската православна црква, а беше нејзино крило цели 4 века. За познавачите, одлуката на Цариградската патријаршија да ја стопира анатемата врз украиснките црковни лидери е потег со кој украинската црква ја намалува контролата од Москва.
- Од точка на геополитички, релации со Русија, ова значи дека Украина се одвојува од т.н. руски свет. Украина ќе биде помалку зависна од Русија и во духовна и во религиска смисла, објаснува професор Владимир Фешенко од Центарот за политички студии.
Дали ќе останат во москосвката патријаршија или не, одлуката ќе ја донесат самите верници. Голем дел од Украинците не сакаат нивната држава да и биде вазал на Русија. Бесот трае со години, а посебно од пред 4 години кога почна војната меѓу украинските сили и руските сепаратисти, која се случува на истокот од земјата и се повеќе се разгорува. На сериозните последици кои ќе ги има одлуката на вселенската патријаршија предупреди неодамна и рускиот претседател Путин.
Алиса Шутиноска