Во Индонезија се урна авион со 189 патници и членови на екипаж

Авион на индонезиската компанија „Лајон ер“со 189 патници и членови на екипаж се урна во море само неколку минути откако полетал од Џакарта. Индонезиските власти соопштија дека во несреќата нема преживеани. Меѓу 181 патник во авионот, кој патувал кон остров кај Суматра имало едно дете и две бебиња.

Агенцијата за катастрофи на Индонезија објави фотографии од скршени телефони, уништени книги, багаж и делови од авионот кои ги собрале бродовите што учествуваат во спасувачката операција. Националната агенција за пребарување и спасување соопшти дека околу 300 луѓе, меѓу кои и војници, полицајци и локални рибари учествуваат во потрагата.

Искористивме се во оваа операција, сите алатки кои ги имаме. Се уште нуркачите бараат жртви кои до сега не се пронајдени, изјави Нугрохо Буди Вирјанто, заменик шеф на Националната агенција за пребарување и спасување.

Индонезиската служба за контрола на воздушниот сообраќај соопшти дека екипажот на авионот побарал леталото да се врати во Џакарта непосредно пред да биде изгубен контакт со него. 13 минути по полетувањето диспечерите дозволиле авионот да се врати, но тогаш бил изгубен контакт со него.

Авионот кој се урна е „Боинг 737 макс 8“ кој на „Лајон ер“ му бил испорачан во август годинава. Ова е втора најтешка авионска несреќа во Индонезија откако авион на „ЕрЕјжа“ од Сурабаја кон Сингапур се урна во морето во декември 2014, кога загинаа сите 162 луѓе во леталото.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ