
МКЦ го прослави 45 роденден и светскиот ден на уметноста
Од забава до ангажирана уметност. Вака изгледаше програмата со која сношти МКЦ го прослави 45 роденден и Светскиот ден на уметноста. Групната изложба, насловена „ Гледај во позитив“ , на која се претставија тројца фоторепортери, се фокусира на човекот и неговата положба во општеството, доловувајќи поединци од маргините на системот.
„Тој е сега егзистенцијално осакатен, а здравствените проблеми му се провлекуваат со години.А, блиските соседи и роднините, не сакаат него да го интегрираат во системот“, вели Наке Бате в- фоторепортер.
„Идејата на фотографијата е дека треба да учествувате со телефон. Да ја фотографирате па да направите позитив“, изјави Томислав Георгиев – фоторепортер.
Режисерката Драгана Гунин од Куманово, низ театарската исповед „ Каде одат претставите што не се случуваат“, ги изнесе последиците од три незавршени претстави. Една од причините за тоа е политичкиот контекст, објаснува таа.
„Беа 2014, 2015 година, баш кога се случуваа важни работи надвор. Мислам дека беше многу поважно некогаш да се биде на улица, на протест, отколку да работиш, да се бавиш со уметност. Тогаш беше и пукањето во мојот град“, изјави Драгана Гунин – режисерка.
Кон младешкиот дух на МКЦ, партиципираа и наши поетски надежи со слем и класични стихови, во рамките на перформансот „ Песнило“.
„Во духот на младеењето на МКЦ, никако не би рекол стареењето, овде вечерва ќе се претстават 8 поети и поетеси“, вели Иван Шопов – поет и раскажувач.
На прославата имаше и филмски маратон, концерт со домашни и регионални групи, ди-џеј сет и програма во Планетариумот.
„Сите кои што и во минатото и денес се посетители на МКЦ, идејата е да им се понудат различни видови на уметност на овој ден“, изјави Филип Николовски- МКЦ.
МКЦ е формиран 1972 година под името „ Дом на млади 25 Мај“. Со промената на ситемот во раните 90-ти години на минатиот век, тој го смени името, но е и функцијата. Бил и останува расадник на млади таленти и показател на новите трендови во уметноста, културата и супкултурата.
Сотир Трајков