
Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае за убиство на Кашоги
Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае дека саудискиот новинар на Вашингтон пост Џамал Кашоги, загинал за време на испрашување во конзулатот во Истанбул. Според непотврдени извори на американските медиуми, оригиналната намера на Ријад била да го киднапира новинарот, критичар на саудискиот режим. Дополнително тврдат, во извештајот ќе се заклучи дека операцијата е изведена без официјална дозвола и дека вмешаните ќе сносат одговорност.
Поради тој случај, американскиот претседател го испрати државниот секретар Мајк Помпео во Ријад, на средба со саудискиот крал. Посетата на Помпео е дел од меѓународниот притисок врз Саудиска Арабија за конечно да ја открие вистината за исчезнувањето на Кашоги.
Мислам дека целосно сме на иста страна со нашите американски пријатели за ова. Очекуваме транспарентност и чекаме да добиеме разјаснување што се случи во овој случај, кој е особено драматичен, изјави високата претставничка Могерини.
Синоќа со согласност на саудиските власти, турските иследници извршија претрес во конзулатот, но медиумите објавија снимки на кои се гледаат како хигиеничари влегуваат во објектот и потоа го напуштаат, само еден час пред да пристигнат форензичарите. За задоцнетиот претрес во конзулатот Обединетите нации вината ја лоцираа во дипломатскиот имунитет и побараа негово укинување.
Две недели е многу време за можната сцена на криминалот да не биде подложена на целосна форензичка истрага, рече Руперт Колвил портпаролот на Високиот комесар за човекови права на ООН.
Претресот го побараа турските власти кои тврдат дека Кашоги бил убиен во конзулатот а „Вашингтон пост“, минатата недела објави дека од извори блиски од истрагата добиле фотографии кои докажуваат дека Кашоги влегол во зградата но не излегол. Истите извори им изјавиле дека турските власти поседуваат аудио и видео докази дека Кашоги бил убиен во конзулатот.
Постоењето на ваквите записи објаснуваат зошто турските власти веднаш ја обвинија Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но не сакаат јавно да ги обелоденат снимките, бидејќи со тоа ќе се докаже дека Турција ги прислушува странските институции во земјата, наведува „Вашингтон пост“.
Игор Трајков