
Еден загинат и деветмина повредени при експлозијата во рафинерија во БиХ
Едно лице загина, а деветмина други се повредени при експлозија во рафинеријата за нафта во Босански Брод, во северна Босна и Херцеговина, во близина на границата со Хрватска. Тројца повредени се хоспитализирани во болницата во Босански Брод, а шестмина се префрлени во Добој, од кои петмина се задржани на лекување.
„Да ви кажам на прв поглед изгледаше многу страшно, силна експлозија, пламен над нафтената рафинерија. На прв поглед глетката беше страшна“, изјави Миливојко Зубиќ, дежурниот лекар во Здравствен дом во Босански брод.
Експлозијата во рафинеријата се случи околу 21,30 часот во близина на фабриката во која се обработуваат нафта и гас. Пожарот, што настана по екслозијата, противпожарните единици го изгаснаа за неколку часа. Експлозијата била мошне силна и ги вознемирила жителите од двете страни на реката Сава, долж која минува границата меѓу БиХ и Хрватска.
„Ја слушнав експлозијата, прозорците се затресоа, по некое време излеговме и погледнавме низ прозорец и се гореше, небото беше црвено. Чудно никогаш не сум видел нешто такво“, изјави еден очевидец.
Полицијата потврди дека увидот започнал денеска, но засега не се соопштени детали за причината за експлозијата.
По експлозијата во реката Сава утрово е забележана нафтена дамка. Жупанот на хрватската Бродско-посавска Жупанија Даниел Марушиќ изјави дека претставници на надлежните служби се на терен и дека е ангажирана фирма која треба да ја санира оваа ситуација.
Локалните власти уверуваат дека нема загадување на воздухот во хрватскиот град Славонски Брод и дека нема опасност по здравјето на луѓето.
Рафинеријата во Босански Брод е единствена рафинерија во Босна и Херцеговина. Таа е сопственост на руската компанија „Зарубжњефт“ и вработува околу 900 лица.
Игор Трајков