Спречен руски хакерски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје

Воената разузнавачка служба на Холандија спречи руски хакерски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје, изјави на прес-конференција холандската министерка за одбрана, Анк Бејлевелд.

  • На 13 април, холандското разузнавање спроведе операција за попречување на руската операција чија цел беше Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОЗХО во Хаг, вели Анк Бејлевелд – Шутен – Министер за одбрана на Холандија

Министерката за одбрана рече дека четворица Руси се протерани од Холандија, за кои постои сомневање дека извршиле хакерски напад врз организацијата. Осомничените за нападот имале дипломатски пасоши. Пред објавувањето на информацијата од страна на холандските власти, британскиот министер за одбрана, Гавин Вилијамсон, ја обвини Москва и нејзиното воено разузнавање за спроведување на безобразни и неодговорни напади врз организации и институции кои немаат воена важност.

  • Јасно ставивме до знаење дека нема да попуштаме, всушност јасно ќе објавуваме каде Русија дејствувала. Ќе ги откриваме овие постапки и веруваме дека со тоа ќе ги обесхрабриме да дејствуваат на таков начин, изјави Гавин Вилијамсон – Министер за одбрана на Велика Британија

Постојаното претставништво на Русија во организацијата не ги коменираше наводите на министерката за одбрана на Холандија. Порпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, постојаните обвинувања од западот за секакви напади организирани од Москва ги нарече плод на бујна фантазија.

  • Најверојатно гледајќи од себе опишуваат што тие прават. Занете тоа е недостоинствено за државата која се претставува дека игра една од водечките улоги во светот, возврати Захарова.

Според холандските власти, со четворицата уапсени била запленето и изнајмено возило во кое имало многу компјутерска опрема. Утврдено било дека еден од запленетите телефони бил активиран во близина на седиштето на военото разузнавање во Москва, додека на друг имало фискална сметка за такси превоз од седиштето до аеродромот. На запленетите лаптопи пак биле пронајдени податоци за претходни операции кои вклучуваат хакирање на канцеларијата на јавниот обвинител во Малезија, кој го истражуваше соборувањето на малезискиот авион над Украина во 2014 година. Истиот компјутер бил употребен и во хакирање на Светската антидопинг агенција во Лозана, која го истражуваше скандалот со допингувањето на руските атлетичари.

 

Игор Трајков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ