Меркел најави заеднички самит со Макрон, Ердоган и Путин

Кога во јазикот на дипломатијата ќе се каже дека постојат огромни разлики, тоа најчесто значи дека две страни се на чекор од сериозна караница. Но, зборовите употребени од страна на Ангела Меркел за време на прес конференцијата со Ердоган се пред се наменети за домашната публика. Германската јавност не е убедена од потребата за посетата на турскиот автократ, со сите воени почести и официјална вечера. Доволно е да се отвори Билд за да се види коментарот – „додворувањето на исламистот“, беше описот за посетата на Ердоган. Свесна за притисокот, Меркел сакаше да напомене дека извршила притисок врз Ердоган, особено околу петте германци граѓани кои се уште се затворени во Турција.

„Нема никој што не е свесен за фактот дека имавме огромни разлики во нашите односи во последните години и дека тие се уште постојат денес. Тие се суштински поврзани со прашања околу владеење на правото и слободата на печатот. И мило ни е што некои од специфичните случаи се решени. Дека некои луѓе се ослободени. Но се уште постојат многу греѓани, германски граѓани, кои се во заточеништо. И јас инсистирав, и ќе продолжам, со цел овие случаи да се решат колку што е можно поскоро“.

Пресот не помина и без мал инцидент, кога турски новинар кој живее во Германија беше остранет од обезбедувањето. Наводно причината била неговата маичка на која се повикува ослободување на уапсените новинари во Турција.

Но, од целата средба во јавноста излезе една моне интересна меѓународна иницијатива. Германската канцеларка најави дека во фаза на подготовка е самит со претседателите на Франција, Турција и Русија, односно, со Макрон, Ердоган и Путин, која би се фокусирала на Сирија.

Забележувате дека  гласното отсуство од ова одбрано друштво е човекот кој се раскара со сите од овие лидери посебно, рушејќи го западниот и евроатлатнски систем на безбедност и вредности. Самитот кој е најавен за октомври месец, ќе биде зад грбот на американскиот претседател и лидер на светските националисти Доналд Трамп.

Со други зборови, големите светски лидери, најчесто испокарани меѓу себе, во Трамп го пронајдоа сврзното ткиво кое ги принудува да се зближат.

Во меѓународната политика и понатаму останува да важи старата макијавелистичка изрека: непријателот на мојот непријател е мој пријател.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ